Прокопис Павлопулос е нов претседател на Грција

Грчкото собрание го избра поранешниот конзервативен министер Прокопис Павлопулос за нов претседател на Грција. 64 годишниот Павлопулос, професор по правни науки и поранешен министер за внатрешни работи доби 233 од вкупно 300 гласа во парламентот, што е многу повеќе од потребниот минимум од 180 гласови. Противкандидатот, професорот по уставно право Никос Аливизатос кој беше кандидиран од новата партија То Потами доби 30 гласови. Со изборот на Павлопулос заврши изборниот процес почнат во декември кога парламентот на три пати не успеа да избере шеф на државата поради што собранието беше распуштено и беа распишани предвремени избори. Павлопулос ќе го наследи 85 годишниот Каролос Папуљас чиј мандат истекува во идниот месец.