Ахмети ја поздрави идејата на Хан за надминување на политичката криза

Еврокомесарот за добрососедска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, денеска попладне се сретна со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во седиштето на Европската унија во Скопје. Тие разговарале за политичките случувања во државата, случајот со прислушувањето, решавањето на спорот за името и евроатланската интеграција. Како што соопштија од ДУИ, Ахмети ја поздравил идејата на еврокомесарот Хан за вклучување на Брисел во надминување на ситуацијата во која се наоѓа земјата.

Ахмети изјави дека политичкиот дијалог мора да се обнови значително и да се интензивира. ДУИ го поддржува овој процес и ги повикува страните да го решат ова прашање на транспарентен начин и со внимание кон заедничкото добро на земјата, се наведува во соопштението.

Исто така поздравена е и подготвеноста на еврокомесарот да разговара со посредникот Метју Нимиц со цел да се најде начин за решавање на спорот со името. Ахмети истакнал дека фокусот на евроатлантската агенда не смее да се одложи и оти заедно со меѓународната заедница треба сите сили да се сконцентрираат на решавање на спорот со името и членството на Македонија во НАТО и ЕУ