САД: Русија и сепаратистите да ги прекинат нападите во Украина

Соединетите држави изразија сериозна загриженост поради влошувањето на ситуацијата во и околу градот Дебалцеве во источна Украина и покрај постиганиот договор за прекин на огнот. Стејт департментот ги повика Русија и проруските сепаратисти веднаш да ги прекинат нападите и да се ангажираат заедно со мониторинг мисијата на ОБСЕ во спроведување на примирјето. Претходно Киев соопшти дека украинските сили и натаму биле цел на напади на проруските бунтовници. Тие вчера понудија безбедносен коридор за излез на украинските сили од Дебалцеве во замена за предавање на територијата што сега е под нивна контрола. Оваа понуда веднаш беше отфрлена од украинската војска. Двете страни изјавија дека, поради продолжувањето на нападите, нема да почнат да го повлекуваат тешкото оружје.