Ирански генерал тврди дека Техеран му помогнал на Ирак против ИД

Иранската Револуционерна гарда.

Командант на иранската Револуционерна гарда изјави дека Иран помогнал да се порази Исламската држава во Ирак.

„Кога Исламската држава се појави во Ирак, ниту една земја не понуди помош за нејзино уништување“, изјави денеска генерал Мохамад Али Џафари, кој посочи дека „Иран побрзал да му помогне на ирачкиот народ да ја уништи Исламската држава“.

Џафари вели дека Иран станал кошмар за екстремистичката организација, додавајќи дека американскиот претседател Барак Обама и другите светски лидери биле „запрепастени“ од поразот на милитантите во Ирак.

Оваа негова изјава е во спротивност со тврдењата на Техеран дека нема ирански војници во Ирак, иако шиитските милиции поврзани со Иран се борат со сунитските милитанти од Исламската држава. Претходно овој месец, ирански генерал изјави дека е спремен да почне да обучува ирачки офицери.

Иран и Ирак во декември минатата година постигнаа договор за безбедност што ќе ја зголеми воената соработка.