МАНУ: Прислушувањето е тежок удар врз правата на граѓаните

Македонската академија на науките и уметностите денеска соопшти дека иако во недостиг на изворни информации, го оценува чинот на прислушување како тежок удар врз слободите и правата на граѓаните, особено врз нивното право на приватност и неповредливост на слободата на комуницирање.

Самиот факт дека се непосредно загрозени граѓанските слободи и права укажува на сериозноста која ваквите дејства ја имаат врз безбедноста, стабилноста и врз интегритетот не само на секој граѓанин туку и на општеството во целина. Поради тоа МАНУ очекува сите одговорни субјекти и институции да ги преземат своите законски овластувања и мерки за надминување на создадената состојба, се вели во соопштението од МАНУ.