3.000 луѓе ќе добијат редовно вработување во администрацијата

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски денеска на прес-конференција го презентираше законот за трансформација во редовен работен однос и соопшти дека сите ангажирани лица во јавниот сектор без решен статус ќе добијат редовно вработување.

Тој изјави дека со законот ќе бидат опфатени над 3.000 лица кои работат со години во државни институции и органи на определено работно време, преку разен вид договори. Пешевски рекол дека откако ќе биде изготвен законот во Собранието, институциите кај што се ангажирани вработените се должни во рок од 30 дена да склучат договори за редовен работен однос со ангажираните лица.

„Со законот се предвидува сите лица кои биле ангажирани во работен однос кој не бил од траен карактер, односно не биле редовно вработени, а биле ангажирани во таков работен однос најмалку три месеци заклучно со 30 ноември 2014 година и се уште се со таков работен ангажман, да можат да остварат право за засновање редовен работен однос на неопределено време, рече Пешевски.