Зврлевски ја чека пријавата од СДСМ

Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

До крајот на работниот ден вчера до Основното јавно обвинителство не била доставена кривична пријава од СДСМ за случајот со прислушувањето, тврди јавниот обвинител Марко Зврлевски. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека од кога ќе ја примат кривичната пријава, ќе постапуваат по случајот.

Од СДСМ велат дека пријавата ќе биде поднесена деновиве. Претседателот на партијата Зоран Заев, вчера, на прес-конференцијата на која презентираше единаесет аудио снимки за кои рече дека се од прислушкувањата што ги вршеле домашните служби. Toj рече дека поднеле кривични пријави против директорот на УБК Сашо Мијалков, против Горан Груевски, раководител на Петтата управа и непознати вработени во безбедносните служби.

Заев додаде и дека тој и опозицијата целосно ја имале изгубено довербата во правосудните органи, но, доколку Јавното обвинителство почне независна и транспарентна истрага, тоа ќе го поздрават.