Странските агенции за аферата со прислушување во Македонија

Шефот на македонската опозиција го обвини премиерот Никола Груевски за прислушување новинари, верски и опозициски лидери со што се продлабочува скандалот што во изминативе недели ја преплави оваа земја кандидат за Европската унија. Ова го наведува новинската агенција Ројтерс известувајќи од прес конференцијата на лидерот на СДСМ Зоран Заев на кој тој ги обвини премиерот Никола Груевски и шефот на контраразузнавањето Сашо Мијалков дека оркестрирале прислушување на над 20 илјади луѓе во изминативе четири години. Ројтерс потсетува дека полицијата на 31 јануари го обвини Заев за заговор со странска разузнавачка служба за соборување на владата. Новинската агенција Асошиетед прес јавувајќи за прес конференцијата на Зоран Заев на која тој ја обвини конзервативната влада за илегално прислушување наведува дека се интензивира жестоката кавга меѓу двете водечки партии во земјата. Оваа агенција дополнува дека СДСМ покренала кривични пријави против разузнавачки службеници, меѓу кои и шефот на Управата за безбедност Мијалков и оти владејачката ВМРО ДПМНЕ ги отфрлила обвинувањата наведувајќи дека Заев бил, „марионета која работи за тужи интереси“.