ВМРО-ДПМНЕ: Заев прифаќа да биде марионета на странски служби

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, излезе со реакција на прес-конференцијата на лидерот на опозицијата Зоран Заев, на која тој објави дека власта во последните неколку години незаконски прислушкувала најмалку 20.000 луѓе зо земјата.

Во соопштението се вели дека Заев денеска започнал со реализација на објавувањето на разни материјали за кои и самиот го известил премиерот Груевски и дека се прибавени во соработка со странски служби, а за што е започната и постапка против него токму за овој случај, во кој дел од осомничените веќе имаат и признание дека работеле за пари и за странски служби, вели ВМРО-ДПМНЕ.

Понатаму се вели дека со денешната и најавените прес конференции од ваков тип, Заев со несериозен и неодговорен однос, прифаќајќи да биде инструмент и марионета на странски служби, тој очигледно со задоволство продолжува да биде дел од креирано сценарио кое што е во интерес на трета страна, која не и сака добро на Македонија.

Понатаму ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев само продолжува да тоне, и полн со контрадикторности и небулози, сака да направи цела македонска јавност, вклучително и неговите сопартијци, да се држат во заложништво, и јавноста да биде под уцена и да биде дефокусирана од реалните теми и потреби на граѓаните.

Во реакцијата се вели дека Заев има намера да се претстави како жртва и дека ВМРО-ДПМНЕ го повикува ако постојат материјали за кои се тврди дека упатуваат на евентуално противзаконско постапување на било кое лица да ги достави до надлежните институции, се вели во реакцијата.