Јолевски: Македонија е докажан партнер во глобалниот мир

Македонија што поскоро треба да добие покана за полноправно членство во НАТО, со што значително ќе се влијае на зачувување на мирот, демократијата и просперитетот на регионот на Југоисточна Европа и пошироко, порача министерот за одбрана Зоран Јолевски на вчерашната средба во Вашингтон со Саманта Смит, директор за Балканот, Црноморскиот регион и Кавказот во Советот за национална безбедност на Белата куќа.

- Со учеството во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, ОН и Европската унија, Македонија и нејзините граѓани покажуваат дека се посветени на развојот на современите вредности на глобално ниво, посочи министерот Јолевски.

Во тој контекст, додаде министерот, е и учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија во новата мисија на Алијансата „Одлучна поддршка“. Со оваа средба министерот Јолевски ја заврши посетата на Соединетите Држави во чии рамки оствари средби со поголем број претставници на американскиот Сенат и Конгрес, претставници на водечки и влијателни „тинк-тенк“-организации и ја пренесе пораката за потребата од што е можно побрзо зачленување на Македонија во НАТО.