СДСМ реши од понеделник да ја објавува „бомбата“

Централниот одбор на СДСМ на вечерашната седница го овласти раководството на партијата да се обелоденат доказите за, како што тврди партијата, „незаконско прислушкување на илјадници граѓани, за целосна контрола и злоупотреба на сите државни институции во партиски и изборни цели, за злоупотреба, за груби нарушувања на изборниот процес, вклучувајќи криминал и корупција во највисоките ешалони на власта“.

Во заклучоците од вечерашната седница на ЦО се наведува дека, според Уставот и законите на Република Македонија, никој нема право да го спречи објавувањето на документите.

Во партијата велат дека доказите што тврдат дека ги имаат, односно долго најавуваната бомба, ќе почнат да ги објавуваат од понеделник.

Во СДСМ велат дека Централниот одбор на СДСМ едногласно ја донел одлуката.

Лидерот СДСМ Зоран Заев, заедно со уште три други лица, меѓу кои и поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, е осомничен за „шпионажа и насилство врз високи државни претставници“ во полициската акција „Пуч“. Власта го обвинува дека доказите што тврди дека ги има му се од странски служби, но Заев вели дека ги добил од „патриоти“ во македонското разузнавање.