Во Босна поставени знамиња на Исламската држава

Во селото Горња Маоча кај Брчко во Босна и Херцеговина, знаме и други обележја на Исламска држава биле поставени на куќите, јави Федералната телевизија – ФТВ. „Дневни аваз“ пренесува дека обележјата биле отстранети, а локалните жители тврделе дека немаат ништо со подигнувањето на знамињата на ИД, и дека тоа го направиле „две лица од страна“.

Државната агенција за истрага и заштита на БиХ по налог на Обвинителството презема активности во Горња Маоча, откако на една куќа во селото е забележано знаме на терористичката група Исламска држава, потврди портпаролката Кристина Јозиќ. Јозиќ рече дека СИПА, заедно со другите полициски агенции презема активности во врска со истакнатите знамиња.

Селото Горња Маоча се наоѓа на 30 километри од хрватската граница, и се смета за упориште на вахабистите, а неговите жители речиси со децении се под истрага на полициски и разузнавачки агенции поради сомненија дека се поврзани со тероризам.