МИМ: Обвинителството се обидува да ги цензурира медиумите

Македонскиот институт за медиуми излезе со реакција по повод соопштението на Јавното обвинителство. Во реакцијта Iнституот наведува дека повикот на Јавното обвинителство да не се објавуваат материјали кои што можат да станат предмет на кривична постапка во т.н. случај „Бомба“, претставува обид за воведување експлицитна цензура во медиумите и во јавноста и придонесува за дополнително нарушување на слободата на медиумите и изразувањето.

„Го потсетуваме Јавното обвинителство, но и останатите државни и јавни институции и другите јавни чинители, дека слободата на изразување и информирање спаѓа во основните слободи и права на човекот и граѓанинот, признати во меѓународното право и утврдени со нашиот Устав. Тие се гарантирани и наведени како први меѓу темелните вредности на кои почива нашиот правен поредок (член 8 од Уставот на РМ). Нашиот Устав, исто така, во член 16, експлицитно ја забранува цензурата. Освен тоа, овие слободи и права се гарантирани и со Европската конвенција за човекови права, која во правниот поредок на Македонија има третман на задолжителна легислатива и правен акт од највисок ранг.“

Согласно Кодексот на новинарите на Македонија, новинарот е должен да ја објави секоја информација која е од општествен интерес, се вели во ракција, каде е посочено дека секоја забрана и повик за необјавување на информации од јавен интерес, или за необјавување на материјали за евентуални злоупотреби на власта и институциите, претставува брутално кршење на слободата на изразување, но и кршење на правниот поредок на земјата.