Смртоносен напад на болница во Украина

Извештаите од источна Украина велат дека најмалку три лица се убиени во гранатирањето што оштети болница. Француската новинска агенција АФП соопшти дека тело лежело пред болницата во западното предградие на градот Доњецк, кој е под контрола на проруските сепаратисти и уште две мртви тела на цивили лежеле надвор во близина на болничката зграда.

Проруските сепаратисти изјавија дека повеќе од 15 лица биле убиени, откако болницата Текстилшчук се најде под артилериски оган. Во меѓувреме, продолжуваат борбите меѓу владините сили и проруските сепаратисти за градот Дебалцеве и покрај повикот на ОБСЕ за прекин на огнот за да се овозможи евакуација на цивилите.

Украинската војска соопшти дека бунтовниците во текот на ноќта ги користеле сите видови на оружје, во девет напади на позиции во близината на Дебалцеве. Но, не успеале да ги отстранат владините сили. Исто така воениот портпарол, Вјачеслав Селезњов рече дека двајца украински војници се убиени во изминатите 24 часа во Украина. Во конфликтот од април загинаа повеќе од 5350.