Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на најавената кривична пријава на СДСМ

Владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, излезе со реакција на прес-конференцијата на опозициската СДСМ, велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштение ги повикала надлежните институции да откријат од каде се актуелните снимки, дали смее да се објавуваат, кој го сторил тоа, дали е од законски издадени ПИМ мерки или не, и за што станува збор. Исто така во соопштението се вели дека ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните институции да го истражат темелно и случајот „Пуч“, да видат кој снима и кој се користи со такви материјали за закана кон носители на државна функција, во соработка со странски служби.

„Има судска постапка и ние како партија остануваме со став дека и партиите и медиумите во врска со овој случај треба да се однесуваат одговорно и професионално и во рамки на Уставот, законите и демократските стандарди, за да не се дозволи намерата на тие што се инспиратори и креатори на овој случај да се реализира“, се вели во реакцијата. ВМРО - ДПМНЕ наведува дека СДСМ е во паника, бидејќи се фатени дека соработувале со странски служби и во нивното сценарио кое е на штета на државата, велат од владеачката партија.

Попладнево на прес – конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, најави дека СДСМ ќе поднесе кривична пријава против премиерот, Никола Груевски, за неовластено снимање и прислушување на лидерот на опозицијата Зоран Заев. Вчера, во јавноста протекоа снимки поставени на каналот Јутјуб, од разговор меѓу премиерот, Никола Груевски и лидерот на опозицијата, Зоран Заев, на кои тие зборуваат за тоа кој му ги дал доказите на лидерот на опозицијата.