Украинските сепаратисти планираат да мобилизираат 100 илјади луѓе

Прорускиот сепаратистички лидер во источниот дел на Украина, Александар Захарченко, најави дека планира да мобилизира 100 илјади луѓе во услови на продолжување на конфликтот со владините сили.

Тој денеска соопшти дека општата мобилизација во Доњецк ќе започне за 10-тина дена. Минатиот месец украинскиот Парламент ги одобри плановите оваа година да бидат мобилизирани 100 војници.

Во последните 24 часа се убиени петмина војници во борбата против бунтовниците во регионите Доњецк и Луганск. Бунтовниците, пак, ги обвинија владините сили за 11 убиства на цивили во истиот временски период. Мировните преговори на 31 јануари пропаднаа, а сепаратистите го обвинија Киев за саботирање на разговорите во Минск.

Но, Украина и ОБСЕ изјавија дека сепаратистите одбивале да разговараат за клучните точки на мировниот план што беше потпишан во септември. Од април минатата година, над 5100 луѓе загинаа во конфликтот во источниот дел на Украина.