Иванов-Плевнелиев: Да влеземе во нова фаза на соработка

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Софија се сретна со бугарскиот колега Росен Плевнелиев.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, била разгледана актуелната состојба во билатералните односи меѓу двете земји, а било разговарано и за евроатлантските интеграциски процеси, како и за регионалната соработка.

Иванов, како што е наведено, ја реафирмирал определбата на Република Македонија за најдобри можни односи и соработка со сите соседи, како врвна стратешка цел, покрај евроатлантските интеграции и регионалната соработка.

Бугарскиот претседател Плевнелиев се заблагодарил за присуството на Иванов во Софија, во моменти кога бугарскиот народ се збогува со првиот демократски избран претседател Жељу Желев, оценувајќи го како пријателски гест.

Република Бугарија, според Плевнелиев, сака да биде најголемиот пријател и најголемиот поддржувач на Република Македонија. Тој се согласил дека на отворените прашања треба да се пристапи со взаемно разбирање и почит, и низ дијалог да се надминат недоразбирањата.

Претседателите на двете земји се договориле во наредниот период да се интензивираат контактите на сите нивоа.

Двајцата соговорници изразиле очекување работните групи на министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат со работа во наредниот период, за усогласување на Договорот за добрососедство врз основа на принципиелниот став и размената на писма на двајцата претседатели - декларацијата од 1999 година да се трансформира во Договор за добрососедство.