Американски конгресмени за прием на Македонија во НАТО

Вашингтон

14 американски конгресмени ја потпишаа резолуцијата поднесена од Кендис Милер од Мичиген за поддршка на македонското барање за членство во НАТО. „Македонија ги исполни сите критериуми за членство во НАТО, што беше истакнато и во декларацијата по самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а потоа доби поддршка и во Меѓународниот суд на правдата. Оттаму Претставничкиот дом на Конгресот на САД ги поддржува македонските аспирации за членство во НАТО, високо ги цени напорите на Македонија и нејзината посветеност и учеството заедно со Соединетите Американски Држави и други земји во промовирањето на мирот, стабилноста и взаемното разбирање“, се наведува, меѓу другото, во резолуцијата поднесена од Кендис Милер, која ја предводи групата за пријателство со Македонија во американскиот Конгрес. Во резолуцијата се бара САД да обезбедат „билатералните спорови да не го попречуваат приемот на Македонија во НАТО, особено имајќи ја предвид регионалната стабилност и актуелната ситуација во Украина“.