Отстранети металните огради пред грчкиот Парламент

Металните огради пред грчкиот Парламент, кои беа поставени како заштита од демонстрантите за време на масовните протести и судири со полицијата, денеска беа отстранети по наредба на новата Влада.

Oградите, поставени од специјалните единици со цел да ги спречат демонстрантите да влезат во зградата на Парламентот, станаа симбол на потчинувањето на Грција на строгите мерки за штедење наложени од меѓународните кредитори.

Во последните години на чело на масовните протести во земјата се наоѓаа активисти на радикалната левица СИРИЗА, која победи на предвремените парламентарни избори на 25 јануари и формира Влада, предводена од нејзиниот лидер Алексис Ципрас.