Западот разгледува нови санкции против Русија

Лидерите на Европската унија побараа од нивните министри за надворешни работи, при нивната средба во Брисел на 29 јануари, да разгледаат соодветен одговор на ескалацијата на борбите во источниот дел на Украина, вклучувајќи и нови санкции против Русија. Во заедничкото соопштение лидерите на ЕУ истакнаа „докази за континуирана и растечка поддршка на сепаратистите од страна на Русија“ и рекоа дека таквата поддршка ја нагласува одговорноста на Русија. Во соопштението исто така ја повикуваат Русија да ги осуди акциите на сепаратистите и да го имплементира септемврискиот договор од Минск, кој вклучува прекин на огнот.

Лидерите на ЕУ го осудија убиството на 30 цивили на 24 јануари во бомбардирањето на украинскиот град Мариупол. Обединетите нации рекоа дека ракетите истрелани од територија што ја контролираат сепаратистите во станбената населба во Мариупол, намерно биле насочени кон цивили, во нападот што го прекршил меѓународното хуманитарно право. Во меѓувреме украинскиот воен портпарол денес рече дека 9 владини војници биле убиени, а 29 се повредени во текот на изминатите 24 часа во борбите во источниот дел на Украина.