Економските притисоци врз Русија ќе бидат деструктивни

Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, соопшти дека понатамошниот економски притисок врз Русија во однос на украинскиот конфликт ќе биде „апсолутно деструктивен“, неоправдан и кратковиден. Дмитриј Песков ова го соопшти денеска, откако американскиот претседател Барак Обама изјави дека Вашингтон ги разгледува сите опции, освен воена акција, за да влијае врз однесувањето на Русија, откако сепаратистите поддржани од Москва започнаа нова офанзива во источна Украина.

Руската новинска агенција РИА, го цитираше Песков како вели дека заканите за економскиот притисок врз Русија, „не ја предизвикале, ниту пак ќе ја предизвикаат Русија“ да ги промени нејзините конзистентни и добро познати политики. Песков изјави дека САД и Европската унија треба да извршат поголем притисок врз украинската влада, за која Москва тврди дека е виновна за неодамнешната ескалација на конфликтот, во кој од април минатата година загинаа повеќе од 5000 луѓе.