Немате доволно пари за храна? Јадете помалку!

Илустрација.

Пратеникот Иља Гафнер од владејачката партија во Русија им даде едноставен совет на Русите кои немаат доволно пари за храна: Јадете помалку. Пратеникот од партијата Обединета Русија во парламентот на регионот Свердловск предизвика бран критики и од опонентите на Кремљ, но и од сопствената партија по неговата изјава дадена за локална телевизија, која беше објавена и на интернет. Падот на цените на нафтата на светските берзи и западните санкции многу ја погодија руската економија.

„Ако зборуваме отворено, немате доволно пари, треба да запаметите дека сите сме Руси, имаме преживеано и глад и студ и којзнае што уште“, рече тој при проверка на цените во супермаркет во провинцијата на планината Урал.

„Треба да размислите за вашето здравје и да почнете да јадете помалку“, рече Гафнер, кој е шеф на Комитетот за земјоделство во регионалниот парламент.

Тој вели дека за време на новогодишните празници Русите „си го изеле својот дел“ и оти треба „да почнат да спортуваат“.

Гафнер рече дека цените се зголемени за околу 25 отсто во изминатата година, што, како што рече, „не е толку страшно“.

Шефот на регионалниот огранок на владејачката Обединета Русија изјави дека забелешките на Гафнер се несоодветни.