Собраниска расправа за предлог-амандманите на Уставот

Собранието на Македонија денеска ќе ја продолжи 30-тата седница на која треба да се изјасни за осумте предлог-амандмани на Уставот. Пратениците најпрво ќе гласаат за утврдување на уште три од предлозите за што е потребно обично мнозинство, а потоа со 82 гласа, односно двотретинско мнозинство ќе се гласа поединечно за секој од предложените амандмани. Двотретинско мнозинство е потребно и за изгласување на Уставниот закон. Собранието досега ги утврди предлог-амандманите за бракот, за меѓународните финансиски зони, за менување на називот на Народната банка на Република Македонија во Банка на Република Македонија, за Државниот завод за ревизија, а ја заврши и расправата за амандманот со кој се одредува дефицитот на Буџетот на Македонија да не може да го надмине прагот од три проценти, а јавниот долг да не може да биде поголем од 60 проценти од Бруто домашниот производ. Останува да се доразгледаат амандманите кои се однесуваат за одлучување по уставна тужба поднесена од физичко или правно лице, како и за начинот на работа и постапката пред Уставниот суд.