Состанок за борба против Исламската држава во Лондон

Министрите за надворешни работи од земјите кои се дел од Меѓународната коалиција за борба против Исламската држава предводена од САД се сретнаа денеска во Лондон. Американскиот државен секретар Џон Кери, кој е кодомаќин на разговорите, заедно со британскиот секретар за надворешни работи Филип Хамонд, рече дека поразот на Исламската држава е „предизвик на нашето време“, но оти има уште многу работа.

Состанокот во Лондон, на кој учествуваат претставници од 21 од околу 60 земји кои учествуваат во коалицијата, доаѓа по терористичките напади во Париз овој месец во кои беа убиени 17 луѓе. Еден од тројцата напаѓачи во Париз бил обучуван од Ал Каеда во Јемен, додека друг рекол дека бил инспириран од џихадистите на Исламската држава.

Претставник на Стејт департментот изјави дека „вистинскиот фокус“ на состанокот ќе биде врз странските борци и оти ќе биде формирана експертска група која треба да работи на размена на информации за да се спречи патување на милитантите.

Европската полициска агенција Еуропол проценува дека околу пет илјади жители на ЕУ им се придружиле на милитантите на Исламската држава во Ирак и во Сирија.