Кежаровски отпуштен од натамошно издржување на затворската казна

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал при Основниот суд Скопје 1 вчера донесол решение со кое го уважил предлогот за условен отпуст на осудениот Томислав Кежаровски. Во соопштението од судот се вели дека советот одлучувал за тоа на вчерашната јавна седница, по предлог на директорот на КПУ Затвор Скопје. Со решението, осудениот се отпушта на ден 18.02.2015 година од понатамошно издржување на казна затвор, изречена со пресуда од Основен суд Скопје 1, а времето на условниот отпуст трае до 27.06.2015 година, односно до истекот на издржувањето на казната на осуденото лице, се наведува во соопштението.

„Оваа одлука Судот ја донесе согласно член 200, 201, 202 и 203 од Законот за извршувањето на санкции како и член 36 од Кривичниот законик, бидејќи осудениот веќе издржал повеќе од половината од казната затвор, а притоа водејќи сметка за неиздржаниот дел од изречената казна, дека за времето на издржувањето на казната, а особено во период додека тој бил во притвор во истата оваа установа, покажал беспрекорно и примерно поведение, како и влошената здравствена состојба на осудениот заради која со решение на Управата за издржување на санкции му е одреден прекин на издржувањето на казната затвор во траење од 30 дена. Против ова решение дозволена е жалба во рок од осум ден, по приемот на решението преку овој Суд до Апелациониот суд Скопје“, стои во соопштението од судот.