Ердоган со повик до исламските држави за отпор против тероризмот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги повика исламските држави да зборуваат со еден глас против тероризмот и расизмот, истакнувајќи дека припадниците на терористичката Исламска држава убиваат муслимани под изговор дека тоа го прават во име на исламот.

Ердоган, пред посетата на Етиопија, Сомалија и Џибути, рече дека доколку исламските држави молчат и ако секоја секта остане зад своите симпатизери, тогаш други ја преземаат нивната улога и стануваат „модерен Лоренс“. Турскиот претседател и порано го споменуваше Лоренс од Арабија како симбол за западното мешање на Блискиот Исток.

„Сосема е можно да зборуваме со различни јазици, да се разликуваме географски и етнички, но мора сето тоа да го ставиме настрана пред лицето на тероризмот и расизмот“, изјави Ердоган.

Тој го критикуваше СБ на ОН поради донесувањето одлуки за исламскиот свет, иако меѓу петте држави - постојани членки на СБ, нема ниту една муслиманска држава.