Ирачкиот премиер бара поголема помош во борбата против ИД

Ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади.

Ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади ја повика меѓународната коалиција предводена од САД повеќе да помогне во борбата против милитантите од Исламската држава, велејќи дека ветената помош досега не е доволна. Забрзувањето на обуката и испорака на ветеното оружје е неопходно, рече тој за новинската агенција Асошиејтед прес. Абади вели дека многу се зборува, но малку се прави на терен, повторувајќи дека Ирак не сака странски војници на своја територија, но оти бара „поддршка и логистика“. Абади рече дека неговата земја е благодарна за повеќе од 1000 воздушни напади извршени врз Исламската држава во Ирак од коалицијата предводена од САД во кампањата што почна во август минатата година. Тој оцени дека воздушните напади биле „многу, многу ефективни“.

Тој ова го кажа во Багдад пред да замине за Лондон, каде што утре треба да се сретне со министрите за надворешни работи на околу 20 земји, меѓу кои и со американскиот државен секретар Џон Кери. Абади потоа планира да патува во Давос на Светскиот економски форум.