Здружението на судии ги осуди протестите за Кежаровски

Здружението на судии на Република Македонија во денешното соопштение ги осудува протестите против судските одлуки и апелира во случајот „Кежаровски“ да не се користат навреди и омаловажувања на судовите.

„Здружението на судии на Република Македонија ги осудува протестите против судските одлуки без разлика што е загарантирано правото на протест на секој, судските одлуки единствено можат да се преиспитуваат во судска инстанца и непримерно е да се попречува работата на судовите и притоа да се користи улична демократија за промена на одлуки кои и тие кои протестираат се свесни дека не можат да ги издејствуваат надвор од институционалното и во судска инстанца преиспитување на судската одлука“, се вели во соопштението.

Од Здружението на судии на Република Македонија апелираат во случајот „Кежаровски“ да не се користат навреди и омаловажувања на судовите и судските одлуки особено што ова не е прв пат, а Здружението, како што е наведено во соопштението, веќе има реагирано на непримерните протести и вокабуларот на омраза што се шири на протестите.

Управниот одбор на Здружението на судиите на Република Македонија денеска одржа седница на која расправаше за протестот одржан пред Апелациониот суд Скопје.