Преговорите за иранската нуклеарна програма продолжуваат во Давос

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф.

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф изјави дека преговорите за нуклеарната програма на Техеран може да продолжат на Светскиот економски форум во Давос оваа недела. Тој денеска рече дека може да се сретне со неговиот американски колега Џон Кери или со други министри од светските сили кои ќе учествуваат на Форумот кој треба да почне задутре во швајцарскиот ски-центар, по утрешниот свечен прием.

Преговарачите за нуклеарната програма на Техеран од Иран и од шесте светски сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија треба повторно да се сретнат наредниот месец, откако, како што рече еден западен дипломат, на вчерашните разговори во Женева бил постигнат „ограничен“ напредок.

Главниот руски преговарач, заменик министерот за надворешни работи, Сергеј Риабков, изјави дека „дефинитивно“ има политичка волја за постигнување конечен договор за ограничување на нуклеарната програма на Техеран во замена за укинување на санкциите.

Крајниот рок што си го поставија Иран и шесте светски сили за постигнување конечен договор е 30 јуни. Два пати претходно крајниот рок беше продолжуван.