Мијатовиќ: Кежаровски итно да биде ослободен

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиуми Дуња Мијатовиќ денеска го осуди приведувањето на новинарот Томислав Кежаровски што следи по пресудата од две години затвор изречена од Апелациониот суд во Скопје. Како што се наведува во писмената изјава неприфатливо е тоа што Кежаровски е дополнително лишен од слобода.

“Јас секогаш ја препознавав и истакнував важноста на владеењето на правото и работата на судството, но оваа одлука и итното апсење вчерасе многу разочарувачки и непропорционален одговор” наведува Мијатовиќ.

Таа додава дека затворањето на новинари за тоа што ќе го кажат и напишат е неприфатливо во демократија. Затворањето на Кежаровски е опасен преседан за слободните медиуми и истражувачките новинари, пишува Мијатовиќ.

“Крајно време е властите во земјата да го намалат притисокот врз медиумите и да ги почитуваат слободните и критички гласови. Кежаровски треба итно да биде ослободен” вели Мијатовиќ.