Борисов: Поддршка за Mакедонија во ЕУ, но и договор за добрососедство

Бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Политиката на Бугарија кон Македонија останува непроменета и константна. Не еднаш сме изјавиле дека ја поддржуваме нејзината интеграција во Европската унија и НАТО, но очекуваме Македонија да ги исполни сите критериуми и услови за членство, вклучително и принципот на добрососедство, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов одговарајќи на прашање од пратеникот и поранешен министер за надворешни работи Кристијан Вигенин.

Тој потсети дека неколкупати изјавувале оти Бугарија е подготвена на Македонија да ѝ даде експертска помош за да успее да постигне напредок на патот кон членство во ЕУ и НАТО.

Бугарија ќе продолжи да опстојува на неопходноста за потпишување договор за добрососедство, кој, како што посочи, останува основен приоритет.

„Нашиот став е дека договорот не значи никакви дополнителни барања кон Република Македонија и оти ќе даде дополнителна правно-задолжителна сила на политичките договори постигнати со декларацијата на премиерите од 1999 година“, рече Борисов.

Тој како позитивен пример ја наведе соработката на двете земји во рамки на програмата за прекугранична соработка, изразувајќи надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.

Борисов рече дека очекува во наредните една до две недели да бидат одржани и средби на високо ниво меѓу претставници на двете земји.