Путин - Невладините да помогнат за „заедничките национални цели“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека невладините организации треба да помогнат за остварување на „заедничките национални цели“, а не да ѝ се противат на владата. Зборувајќи на форумот „Државата и граѓанското општество“, кој беше во живо пренесуван на телевизија, Путин рече дека невладините организации не смеат да бидат вмешани во натпреварот меѓу власта и опозицијата. Тој исто така ги повика регионалните власти да им предадат дел од своите функции во социјалната сфера на невладините организации, сугерирајќи дека сака да ги користи како продолжена рака на владата. Путин рече дека на непрофитните организации може да им се дадат даночни олеснувања, но оти тие мора да останат надвор од политиката, велејќи дека е потребно да се дефинираат „политичките активности“ на таквите организации.

Русија ги задушува невладините организации откако Путин се врати на претседателската функција во 2012 година, по што многу невладини организации беа принудени да се регистрираат како „странски агенти“. Многу од најпознатите невладините организации во Русија не беа поканети на денешниот форум.