Иран ќе го зголеми збогатувањето ураниум ако има нови санкции

Претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани.

Техеран ќе го зголеми збогатувањето ураниум ако Западот воведе нови санкции, изјави денеска претседателот на иранскиот парламент Али Лариџани. Тој рече дека пратениците може да донесат закон за зголемување на нивото на збогатување до 60 отсто.

„Нашите непријатели треба да разберат дека не можат да му прават политички трикови на Иран. Иранските донесувачи на одлуките се свесни за овие прашања“, рече тој.

Лариџани додаде дека 218 од 290 членови на парламентот го одобриле нацрт-законот.

Американски пратеници продолжуваат да го туркаат планот за поголеми санкции против Иран, и покрај тоа што Белата куќа предупреди дека со тоа ризикуваат да им наштетат на преговорите за нуклеарната програма на Техеран.

Новата рунда разговори меѓу Иран и шесте светски сили за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите против Техеран е закажана за 18 јануари во Женева.