Интерпол објави меѓународна потерница по Јанукович

Интерпол го стави поранешниот украински претседател Виктор Јанукович на листата на меѓународно барани лица. На интернет страницата на Интерпол се наведува дека Јанукович е обвинет за „проневера или замена на имотот со малверзации“, извршени „во екстремно голем обем или од страна на организирана група“.

Јанукович избега во Русија во февруари 2014 година, по неколкумесечните протести во Киев против неговото одбивање да го потпише договорот за асоцијација до ЕУ.

Властите во Киев велат дека потерницата на Интерпол ја овластува секоја полиција во светот да ѝ го предаде бараниот на Украина по неговото апсење. Украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков денеска изјави дека поранешниот премиер Микола Азаров и синот на поранешниот претседател Олександр Јанукович, исто така се на листата на Интерпол, заедно со уште неколкумина поранешни високи функционери во владата на Јанукович, но нивите имиња сè уште не се поставени на интернет страницата на меѓународната полиција.

Неименуван извор во Москва запознаен со ситуацијата за новинската агенција Интерфакс изјави дека Москва ќе го разгледа барањето за екстрадиција на Јанукович кога ќе го добие преку официјални канали, но оти веројатно ќе го одбие.