Исполнети се законските услови за условен отпуст на Вранишковски

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови за примена на условен отпуст за архиепископот Јован од Православната охридска архиепископија.

„Осудениот Јован Вранишковски е правосилно осуден на единствена затворска казна од пет години и пет месеци. Досега издржал вкупно 36 месеци затвор, што значи дека издржал половина од затворската казна на која што е правосилно осуден. За време на издржувањето се однесувал примерно и го почитувал куќниот ред во затворот, при што ги извршувал и работните обврски“, се вели во денешното соопштение од Јавното обвинителство на Република Македонија.

Воедно, како што велат од Обвинителството, од осудениот со правосилна пресуда конфискувана е во корист на оштетената Македонска православна црква непосредната и посредната имотна корист која била прибавена со кривичното дело на осудениот.

„Имајќи предвид дека осудениот издржал повеќе од половина од затворската казна на која е правосилно осуден, а штетата која била причинета со дејството на Јован Вранишковски за која е правосилно осуден е надоместена, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција смета дека се исполнети законските услови спрема осудениот Јован Вранишковски да се примени институтот условен отпуст“, се наведува во соопштението.