Македонските ракометари патуваат во Катар

По настапот на турнирот во Нант, македонската ракометна репрезентација патува за Катар, каде ќе се подготвува за почетокот на ракометниот Мундијал. Првиот натпревар на Светското првенство ракометарите го играат против Тунис на 16 јануари. На турнирот во Нант, Македонија постигна победа над Алжир со 32:20, а во финалето беше поразена од европскиот и олимписки шампион Франција со 20:30. На подготовките во Скопје македонската репрезентација постигна и две победи над Израел и подготовките ги заврши со три победи и еден пораз. Според најавите македонските ракометари со стручниот штаб вечер треба да пристигнат во Доха. Македонија на Светското првенство во Катар се наоѓа во групата Б и покрај Тунис ќе игра и со Иран на 17 јануари, со Босна и Херцеговина на19 јануари, со Хрватска на 21 јануари и Австрија на 23 јануари.