Предлог-законот за високо образование во собраниска комисија

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи седница на Комисијата за образование, наука и спорт, на која во второ читање треба да се разгледува Предлог-законот за високо образование.

Седницата на Комисијата требаше да се одржи вчера, но беше одложена за еден ден во очекување на нови предлози и за евентуално подобрување на предлог-законот за високо образование.

Претседателката на Комисијата Олга Најденовска тогаш изјави дека единствена причина за одложувањето е да се остави време за сугестии во однос на пакетот образовни реформи.

На дневниот ред ќе бидат 7 предлог-закони во второ читање: за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование, за изменување и дополнување на Законот за високото образование, Предлог-закон за Академијата за наставници, Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, Предлог-закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и Предлог-закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (за педагошки факултети).