Атентаторката од Истанбул била руска државјанка?

Илустрација.

Руската државјанка Диана Рамазова е извршителката на самоубиствениот бомбашки напад во вторникот пред полициска станица во раздвижениот туристички реон на Истанбул, соопшти весникот „Хуриет дејли њуз“. Во нападот беше убиен еден турски полицаец. Истрагата за случајот ја водат полицијата и разузнавачката служба МИТ.

Според информации од истрагата, во мобилниот телефон на атентаторката биле најдени „странски телефонски броеви“. Познато е дека таа пред нападот на руски јазик зборувала со возачот на такси возило. Полицијата претпоставува дека извршителката на нападот е Чеченка.

Непосредно пред турските власти да го утврдат идентитетот на атентаторката, лево-екстремистичката организација Револуционерна партија и фронт за народно ослободување ја презеде одговорноста за нападот. Семејството на осомничената атентаторка, меѓутоа, изјави дека трупот што им бил покажан во мртовечницата не бил на нивната ќерка.