Томислав Николиќ: Влез во ЕУ без откажување од Косово

Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, изјави дека членството на Србија во Европската унија не смее да биде условено со откажување на земјата од Косово и Метохија. Тој потенцираше дека посакува Србија да биде дел од унијата, но дека таму треба да влезат горди и дека условот за влезот во унијата не смее да биде откажувањето од Косово. Тој изјави дека тоа на Европската унија и е толку јасно што цело време зборува дека никој тоа не го бара од нив. Тој истакна дека новиот состав на Европската комисија настапил многу поостро и поотворено за своите барања.

„Значи, тие не велат ние од вас не бараме да ја признаете независноста на Косово и Метохија, туку го зборуваат она што го соопшти германскиот парламент пред две години: за да станете член на ЕУ ќе морате да донесете потпишан договор за добрососедски односи со Косово во кој ќе бидат дефинирани сите ваши односи, рече Николиќ, додавајќи дека тоа во суштина е истото. „Ако Приштина не сака да го потпише тој договор, како ќе станеме членка на Европската унија. А зошто не сака да потпише, затоа што не ја признаваме независноста на Косово, рече српскиот претседател.