Професорите до премиерот-Дебатата има спорен легитимитет

Од Професорскиот пленум по денешните случувања околу дебатата за предлог-измените во Законот за високо образование упатија отворено писмо до премиерот Никола Груевски.

Професорскиот пленум нема да биде соучесник во кршењето на принципот на владеење на правото, на поделбата на власта и на деловнички утврдената процедура при изменувањето на Законот за високо образование. Упатената „покана“ од Ваша страна, среде наша прес-конференција, ја сфативме како умешен политички чин, но ни за миг не поверувавме дека имате искрена желба да нѐ сослушате. Уште повеќе, Вие почитуван Премиер, не можете и не смеете да каните на дебата во законодавниот дом, каде што не сте домаќин, туку сте гостин. Со Вашата „отворена покана“ упатена пред медиумите јавно го загрозивте уставниот статус, надлежност и дигнитет на Собранието, грубо го прекршивте неговиот Деловник за работа, јасно покажувајќи каде е центарот на моќта во нарушената рамнотежа на власта, како претпоставка на македонската демократија, се вели во писмото.

Од пленумот наведуваат дека денешната дебата била нелегална, нелегитимна и многу задоцнета, како и тоа дека не сакаат да бидат соучесници во кршењето на Уставот, законот и Деловникот. Дополнително, според нив,„дебатата“ има спорен легитимитет, во отсуство на најважниот дел од универзитетската и академска заедница, а тоа се студентите. Тие уште еднаш побараа итен прекин на законодавната постапка и повлекување на законот за измени и дополнувања на законот за високото образование, но и на останатите закони од истиот пакет.

Професорите порачуваат дека со задоволство би се вклучиле во вистинска дебата најпрвин за причините и корените на состојбите во образованието, а потем заедно/конзилиарно да ја утврдат дијагнозата по што ќе биде креиран добар закон.