Оланд - Укинување на санкциите, Русија да го почитува украинскиот суверенитет

Францускиот претседател Франсоа Оланд.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека сака укинување на западните санкции против Русија, ако Москва го почитува суверенитетот на Украина. Во денешното интервју за Француското радио, Оланд го повика рускиот претседател Владимир Путин да престане да ги поддржува проруските сепаратисти во источна Украина и да му дозволи на Киев да развива економски односи со Западот. Оланд рече дека Путин му кажал оти не сака да ја анектира источна Украина. Германскиот вицеканцелар Сигмар Габриел, пак, вчера изјави дека одредени „сили“ во Европа и САД сакаат санкциите да ја осакатат Русија, што ќе предизвика „ризик од катастрофа“.

„Ние сакаме да помогнеме да се реши конфликтот во Украина, но не да ја фрлиме Русија на колена“, рече тој.

САД, ЕУ и други земји воведоа санкции против Русија поради анексијата на Крим од Украина во март минатата година и поради улогата на Москва во конфликтот во источна Украина.