Јапонците полека да џвакаат за да не се задавуваат

Илустрација.

Јапонските власти апелираат до граѓаните полека да ја џвакаат храната, откако најмалку девет луѓе се задавија и умреа јадејќи новогодишни колачи од ориз. Колачите наречени „мочи“ се традиционален дел од празничната трпеза во Јапонија, но слатките лепливи колачи може да се заглават во грлото на луѓето. Весникот Јомиури Шимбун на 3 јануари објави дека најмалку 128 луѓе биле хоспитализирани за време на празниците поради тоа што се задавиле со „мочи“, а деветмина од нив починале. Во изминативе два дена се пријавени и нови случаи. Противпожарната служба на Токио ги повика луѓето да ги сецкаат колачињата на мали парчиња, да џвакаат бавно и да научат прва помош. Итната помош, пак, повика луѓето никогаш да не јадат мочи сами. Се проценува дека Јапонците јадат по еден килограм мочи годишно, најмногу во првата недела од јануари.