Русија остро реагира на проширување на американските санкции

Русија ги предупреди САД дека проширувањето на санкциите според „Законот Магницки“ може да ја попречи соработката за нуклеарната програма на Иран, конфликтот во Сирија и други големи меѓународни прашања. Руското министерство за надворешни работи денеска издаде луто формулирано соопштение, откако вчера американското министерство за финансии воведе санкции против четворица Руси, наводно вклучени во прекршување на човековите права, меѓу кои двајца вклучени во случајот на Сергеј Магницки, кој почина во затвор во Москва во 2009 година. Односите меѓу САД и Русија се сериозно затегнати поради руската анексија на Крим од Украина и руското мешање во конфликтот во источна Украина. Руското министерство за надворешни работи соопштува дека новите санкции се „диктирани од длабоко политички мотиви“ и најави контра-мерки. Се наведува дека „методите на притисок не функционираат со Русија“.