ОБСЕ го осуди затворањето на бирото на РСЕ во Баку

ОБСЕ го осуди упадот на азербејџанските власти во бирото на Радио Слободна Европа во Баку и затворањето на канцелариите, оценувајќи дека тоа е „уште еден тежок удар за слободата на медиуми и слободата на изразување во Азербејџан“. Претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, денеска изјави дека Баку „мора да дозволи“ азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа, односно Радио Азадлик, да продолжи со работа и да „го заштити постоењето критички гласови во земјата“. Инспекторите на јавното обвинителство упаднаа во канцелариите на радиото во Баку на 26 декември и конфискуваа документи и опрема пред да ги запечатат просториите. Дванаесет вработени во бирото вчера и завчера беа приведени на сослушување и беа ослободени откако потпишале документ за неоткривање на детали во врска со истрагата.