Азербејџанските власти ги критикуваат САД за РСЕ

Азербејџанските власти ги критикуваа САД, откако американски дипломат остро ја критикуваше владата поради затворањето на бирото на Радио Слободна Европа во Баку. Заменик шефот на кабинетот на претседателот Илхам Алиев, Новруз Мамадов, денеска соопшти дека американските дипломати „ја изгубиле смислата за пропорционалност“ и оти треба да обрнат внимание на нивната земја, споменувајќи го неодамнешниот сенатски извештај за техниките за мачење на ЦИА. Мамадов на Твитер напиша дека САД „се вистинската татковина на насилството, корупцијата и апсењата“. Претходно, американскиот амбасадор во ОБСЕ, Даниел Баер, исто така на Твитер напиша дека одлуката на Баку да го затвори бирото на РСЕ е „однесување на слаби, несигурни, корумпирани“ лидери. Полицијата пред два дена го затвори бирото на РСЕ во Баку, ги запечати просториите, уапси дел од вработените, а вечерта претресуваше домови на вработените.