Села: Поради студ, учениците да не доаѓаат на школо денеска и утре

Градоначалникот на Општина Струга, Зијадин Села.

Поради повеќечасовните прекини во електричната енергија, градоначалникот на Општина Струга, Зијадин Села, апелираше до учениците и наставниците денеска и утре да не доаѓаат на школо.

„Училиштата во Општина Струга се загреваат на нафта, но пумпите на парните котли работат на електрична енергија. Поради тоа што немаше струја, утрово училниците во училиштата се многу студени, а електрична енергија нема и натаму во Струга. Затоа ги повикувам наставниците, децата и родителите да не се реализира наставата денеска и утре, зашто воопшто нема услови за тоа“, изјави градоначалникот Села.

Тој нагласи дека овие два дена ќе бидат одработени дополнително, како што рече, кога ќе се создадат услови за тоа.

Инаку не само градот, туку и повеќето села во струшкиот регион останаа без електрична енергија, но и без вода зашто пумпните станици кај селото Шум работат на струја.