Груевски: Професорите се плашат од обврската за научни трудови

Мотивите на професорите да ги поддржат студентите се законските измени со кои се предвидува обврска за нив да објавуваат научни трудови во светски реномирани списанија. Со трудовите треба да покажат дека се конкурентни на европско и светско ниво, а тоа е пракса и во Словенија и многу европски земји, изјави премиерот Никола Груевски.

- Поголемиот мотив за поддршката го гледам во тоа што во истиот овој закон каде што се измените за државен испит има и едни други измени коишто професорите кои се дел од Пленумот не го спомнуваат, но јас сум убеден дека тоа е поголемиот мотив заради кој ги мотивираат студентите да протестираат. Не го споменуваат затоа што не им одговара и затоа што ќе излезе на виделина една ситуација која не е баш најповолна за нив, а тоа е дека со новите измени се предвидува од 2018 година секој професор во петгодишен период да мора да има издадено најмалку два труда во списание со импакт-фактор, но не во кои било списанија туку светски реномирани, а до сега беше во кои било списанија, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.

Според него,тие не сакаат тоа да го кажат и да не излезе дека протестираат за да не работат научни трудови, туку ги хушкаат студентите да протестираат за нешто што за нив и не е важно бидејќи нив не ги засега државниот испит.