Битолскиот Универзитет бара одложување на законите за високо образование

Ректорската управа и Сенатот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ - Битола, на синоќешната седница посветена на законите за високото образование заклучи дека е неопходно нивно одложување и процесуирање во редовна постапка со цел да се овозможи време за разгледување и вклучување на Универзитетот во изнаоѓање оптимални решенија.

- Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, секогаш ги поддржувал и ќе ги поддржува сите реформски процеси коишто водат кон зголемување на квалитетот на високото образование. Со оглед на сериозноста на предложените измени и потребата од активно вклучување и придонес на Универзитетот во процесот на креирање на законите кои се однесуваат на високото образование, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола смета дека е неопходно одложување на предложените закони од областа на високото образование и нивно процесуирање во редовна постапка. Во таа смисла, со прифаќањето на овој предлог би се дало доволно време за темелно разгледување и анализа на предложените закони, и активно и креативно вклучување на целокупниот потенцијал на Универзитетот во изнаоѓањето на оптимални решенија, информираат од Универзитетот во Битола.