Иванов: Ние сме реалност и треба да го добиеме тоа што ни припаѓа

Спорот за името го наследивме од претходните генерации на политичари и е резултат на нашата наивност кога влеговме во независноста. Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, но ние сме реалност и кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме, изјави претседателот на државата Ѓорге Иванов во интервју за Македонското радио во однос на прашањето за името и условувањето за влез во НАТО и во ЕУ.

- Ние сме реалност и ние треба да го добиеме тоа што им припаѓа на сите, ниту повеќе, ниту помалку. Пресудата на Меѓународниот суд за правда покажа дека досега сме се однесувале одговорно според сите меѓународни стандарди. Тоа укажува дека мора да истраеме на тој пат и дека со тек на времето, но и со исполнување на сите критериуми кои се бараат од нас, ние кога тогаш ќе го добиеме тоа што го заслужуваме, истакнува Иванов.

Според него, иако со многу мака, труд и откажувања кои други не ги правеле, ќе продолжиме да се однесуваме одговорно.

-Нашиот случај е уникатен и затоа нема решение, а заснова на правото да бидете свој. Тоа е наше право и нам ни припаѓа. А некој што го негира тоа, нека докаже дека не сме тоа што сме, вели Иванов во интервјуто.