Затворено бирото на РСЕ во Баку

Азербејџанскиот сервис на радио Слободна Европа во Баку е затворен по упадот на полицијата и инспекторите од канцеларијата на државниот обвинител. Главниот и одговорен уредник на РСЕ и коизвршен директор Ненад Пејиќ, го осуди нападот на бирото во Баку како флагрантно кршење на сите меѓународни заложби и стандарди кои Азербејџан вети дека ќе ги почитува. -

Наредбата доаѓа од врвот како одмазда за нашите извештаи и како обид да се замолчи Радио Слободна Европа. Ова не е првпат еден режим да се обидува да не замолчи и ние ќе продолжиме со нашата работа за поддршка на граѓаните на Азербејџан и нивното основно право на слободен пристап до информации, како и за известување кое и е потребно на публиката, рече Пејиќ.

Инспекторите, придружувани од вооружени полицајци, изутрината упаднаа во бирото во Баку, конфискуваа компјутери, а вработените неколку часа ги задржаа во една од просториите без пристап до телефон или до компјутер.

Членови на персоналот беа ослободени по неколку часа, иако четворица вработени потоа беа повикани во канцеларијата на јавниот обвинител на сослушување. Обвинителството соопшти дека рацијата е дел од тековната истрага над Азербејџанскиот сервис на Радио Слободна Европа, како странски финансиран субјект.

Кенан Алиев, директорот на азербејџанскиот сервис го карактеризираше нападоткако дел од тековната кампања против независноста на медиумите и невладините организации во Азербејџан. Радио Слободна Европа се финансира од американскиот буџет.